Регион 05. јануари 2021. / 22:25

Kосово ќе добие пола милион вакцини против коронавирусот

Kосово ќе добие пола милион вакцини против коронавирусот

Косовскиот министер, Арменд Земај, објавил на Фејсбук дека Косово ќе добие 500.000 дози вакцини против короавирус од компанијата „Фајзер“, но не соопшти кога ќе пристигнат првите дози.

Претставниците на компанијата „Фајзер“ денес на виртуелен состанок го потврдија обезбедувањето на вакцини на косовската влада, пренесува Косев.

-Како што објавивме претходно, Министерството за здравство е ангажирано со месеци во многу области да обезбеди вакцина, со цел да ги исполниме нашите обврски кон граѓаните и да го заштитиме нивното јавно здравје, напиша Земај.

Покрај овие дози, Косово ќе добие уште 360.000 бесплатни дози на вакцина за 20 проценти од населението од програмата на Светската здравствена организација преку Ковакс-системот. Вакцината против Ковид-19 ќе биде бесплатна, а граѓаните ќе бидат вакцинирани според планот на Косовскиот национален институт за јавно здравје.

Донацијата на одредена количина дози на вакцини за Косово ја објави и премиерот на Албанија, Еди Рама.