Владата на Косово по вечерашната вонредна седница, на која ја разгледа ситуацијата во земјата во врска со коронавирусот, одлучи од утре да се затворат кафулињата, сточните и авто-пазарите и трговските центри, а од понеделник, 16 март, да се прекинат и сите авиолинии во земјата.
Премиерот Албин Курти, по вонредната седница на Владата, откако претходно беше објавено дека во земјата се регистрирани првите два случаја со коронавирус, објави и дека целосно се прекинува јавниот превоз и препорача, секаде каде што тоа е можно, вработените во фирмите да работат од дома.
Курти изјави на прес-конференција дека вечерашната времена одлука на Владата за затворање на трговските објекти не важи за аптеките и маркетите со прехрамбени продукти.
Со владината одлука се одлагааг и сите спортски и културни активности.
Курти и министерот за здравство Арбен Витиа, претходно, попладнево на вонредна прес-конференција објавија дека во земјата се регистрирани првите два случаја на заразени од коронавирус во земјата. Се работи за 20-годишна италијанска државјанка и 77-годишен косовски државјанин.
Курти порача дека нема место за паника и побара од граѓаните да ги почитуваат владините мерки за превенција од заразата, особено со водење сметка за хигиената и избегнување на местата каде што има поголемо присуство на народ.