Лидерот на косовското движење „Самоопределување“ Албин Курти од Тирана ја посочи Србија како главен проблем на Балканот, предлагајќи формирање сојуз меѓу балканските земји со цел „условување на политиките на Белград“.
„Неопходно е да се создаде еден вид балкански сојуз со Хрватите, Бошњаците, Бугарите, но и со Црногорците и Македонците, бидејќи Србија и понатаму е проблем број еден на Балканот“- изјави Курти.
Вели дека Србија не треба прва да стане членка на Европската унија, зашто потоа ќе може да ја условува интеграцијата на другите земји, вклучително Албанија и Косово.
Курти кој со свои соработници присуствуваше на средба на оваа политичка сила во албанскиот главен град, рече дека е разочаран од неспроведувањето, на постигнатите договори меѓу Албанија и Косово. Тој смета дека имало многу повеќе средби и потпишувања отколку спроведување кое би придонело во развој на двете земји.