Хрватската претседателка во заминување Колинда Грабар Китаровиќ, се премисли и се откажа од намерата да не бара канцеларија што ќе ја користи по истекот на мандатот на 18 февруари, јавија хрватските медиуми.
Грабар-Китаровиќ за телевизија Нова изјави дека по 18 февруари мислела дека нема да бара канцеларија, но се премислила.
Сака да „продолжи да работи на брендирање на Хрватска“ и за тоа и треба база. Китаровиќ истакна дека не може да седи некаде и да не прави ништо.
Тврди дека нејзиниот наследник Зоран Милановиќ нема ниту да го критикува, ниту да го фали, ниту ќе ја коментира неговата работа.
– Она што ќе продолжам да го правам е да ја брендирам Хрватска, да ги промовираме нашите интереси, да работам на решавањето на социјални проблеми, од злоставување во Хрватска воопшто, не само во семејството, туку и во училиштата и на други места, заштита на животната средина, чист Јадран и слично, рече Грабар-Китаровиќ.
Според сегашните регулативи, Грабар Китаровиќ има право шест месеци да добива надомест во висина од 24.376,20 куни (околу 3.200 евра) , а потоа уште шест месеци 50 проценти од таа плата.
Како поранешен претседател, таа пет години има право на канцеларија, на двајца државни службеници, личен возач и службено возило, а правото на физичка заштита е трајно.