Регион 28. јануари 2019. / 17:25

Катругалос: Договорот од Преспа формално и правно уште не е во сила

Катругалос: Договорот од Преспа формално и правно уште не е во сила

Формално договорот од Преспа не е во сила, а правно и формално ќе стапни во сила по ратификација на протоколот за членство во НАТО од страна на грчкиот Парламент, изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во интервјуто за грчкото радио „Њуз247“.

-Целосното формално стапување во сила на договорот ќе се случи по ратификацијата од наша страна на протоколот за членство. Според тоа ќе постои еден мал временски период во кој, иако е изгласан договорот, формално и правно не е во сила, вели Катругалос во однос на тоа дека и по ратификацијата од грчкиот Парламент, македонскиот премиер и понатаму го користи името Македонија, а не Северна Македонија, нешто што предизвика реакции во грчките медиуми.

Тој објаснува дека штом стапи во сила Договорот, ќе започнат важни разговори за унапредување на билатералната и економска соработка на двете земји.

-Се отвора период на значајно подобрување, надградба на нашите економски, но и генерално билатерални односи со нашата соседна земја. Следниот ден откако формално ќе стапи во сила договорот, ќе започнеме разговори за тоа како да ги искористиме европските фондови за заеднички развој на регионот, на нашите граници, во Преспа и како можеме дополнително да ја унапредиме нашата билатерална економска соработка, рече алтернативниот шеф на грчката дипломатија.