Механизмот за меѓународни кривични судови (МИЦТ), наследникот на ИЦТИ, најави дека правосилната пресуда на 73-годишниот Караџиќ ќе му биде изречена во седиштето во Хаг во среда, на 20 март, во 14 часот, со што треба да биде завршена правосудната постапка која практично трае од 1995 година кога беше објавено и потврдено првичното обвинение против човекот кој се смета за инспиратор и лидер на „проектот“ кој доведе до масовни страдања и прогони во БиХ и резултираше со геноцидот на припадниците на војската и полицијата на босанските Срби врз муслиманите во Сребреница.
Караџиќ политички се активираше кон крајот на 80-тите години на минатиот век и по почетокот на војната во БиХ стана претседател на републиката на Србите во Босна и Херцеговина. Тој со години беше неприкосновен политички авторитет меѓу босанските Срби, сѐ додека од позицијата претседател на Република Српска не беше приморан да се повлече во 1995 под притисок на американската дипломатија, односно тогашниот посредник на САД во мировните преговори за БиХ Ричард Холбрук.
Иако обвинителството на ИЦТИ веднаш потоа против него поднесе обвинение, Караџиќ остана на слобода сѐ до 21 јули 2008 кога беше уапсен во Белград каде со години живеел преправен во бизарниот лик на надрилекарот Драган Дабиќ.
Во Шевенинген беше префрлен на 30 јули 2008. Судењето кое почна во октомври 2009 траеше 499 дена и имаше дури 586 сведоци.
Првостепената пресуда со која пред неполни две години беше прогласен за виновен за воени злосторства и осуден на 40 години затвор му беше изречена врз основа на обвинението кое го товареше за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војувањето кои ги извршиле босанските Срби за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година.
Како здружен злосторнички потфат е оквалификувана кампањата на земање на припадници на мировните сили на Обединетите нации (УНПРОФОР) за заложници за да се одврати НАТО од воздушните напади врз босанските Срби. Здружениот злосторнички потфат се однесува и на планот за отстранување на босанските муслимани од Сребреница во јули 1995.