Словенечката полиција утрово запрела илегални мигранти непосредно пред границата со Италија, кај Трст.
Возачот на „Мерцедесот“ ја изгубил контролата над возилото, така што полицијата успеала да ги спречи мигрантите да продолжат со патувањето.
Според полицијата од Копер, потерата почнала во 5 часот утринава, кога бил забележан сомнителниот „Мерцедес“ со германски таблички, кој не запрел и покрај звучните и светлосните сигнали. Наместо да запре, возачот на илегалните мигранти тргнал со полна брзина кон Италија.
Полицијата го стигнала возилото дури пред местото Босовизо. Патниците се разбегале во шумата, а во автомобилот останал само возачот и совозачот.
„Мерцедесот“ го возел 25 годишен државјанин на Албанија, а до него седел турски државјанин. На теренот подоцна бил најден уште еден турски мигрант.
Италијанската полиција ги задржала тројцата, по што словенечката патрола се вратила назад во земјата.