Регион

Јункер: Ако на Балканот му ја ускратиме шансата за ЕУ, таму ќе има војна

Јункер: Ако на Балканот му ја ускратиме шансата за ЕУ, таму ќе има војна

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера во Виена предупреди на ризикот од избивање војна на Балканот ако ЕУ дозволи да згаснат надежите на Босна, Албанија, Србија, Македонија и Црна Гора за пристап во Унијата.

Ако, во крајно комплицираниот пејзаж на Европа, се појави впечаток дека не сме сериозни во нудењето ЕУ-членство на Западен Балкан, подоцна, а веројатно и порано, може таму да го видиме она што го видовме на Балканот во 1990-тите“, рече Јункер во говорот пред австрискиот парламент.

Сепак, патот до полноправното членство во ЕУ за овие држави „сè уште е многу долг“, рече Јункер.

Иако некои од земјите постигнаа напредок, „тој напредок сѐ уште не е доволно голем“.

Тој посочи дека ЕУ може да им понуди на државите еден вид „економска област каде што делумно може да се однесуваат така како што на крај ќе се однесуваат како полноправни земји-членки“.

Јункер повтори дека не смета дека некоја од нив ќе постигне полноправно членство „пред 2025 година, па дури и тогаш тоа нема да биде брзо“.

„Треба да се осигуриме дека е сфатено дека сите гранични конфликти меѓу државите од Западен Балкан мора да се решат пред да може да се постигне членство“, рече тој.

Меѓу најитните прашања е статусот на Косово, вели Еурактив, кое еднострано прогласи независност од Србија во 2008 година, но Белград сè уште одбива да го признае.