Регион 27. јануари 2020. / 20:26

И понатаму без договор за новата косовска Влада

И понатаму без договор за новата косовска Влада

Мандатарот за состав на влада на Косово, Албин Курти и претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа денеска не успеаа да постигнат договор за формирање на власта.

Според пишувањето на Косово онлајн двете партии се уште не може да се договорат околу распределбата на позициите. Медиумите наведуваат дека состаноците меѓу Курти и Мустафа ќе продолжат утре.

Двајцата политичари, по двочасовниот состанок, прв после официјалното именување на Курти за мандатар, без изјава за медиумите ја напуштија зградата на парламентот во Приштина каде разговараа зад затворени врати.

Повеќе информации околу состанокот се очекува да соопштат нивните партии.

Од изборите одржани на 6 октомври минатата година албанското радикално движење Самоопределување и ДСК настојуваат да постигнат коалиционен договор со посредство на амбасадорите на западните земји.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи на 20 јануари испрати официјален допис со кој го известува парламентот дека мандатар за новата влада е Курти.

Тачи тогаш наведе дека почнува да тече Уставниот рок од 15 дена за формирање влада.

Коалиционен договор за формирањето на влада се чека веќе три месеци, а копјата се кршат околу распределбата на позициите.