Хрватскиот научник Иван Ѓикиќ ја оцени сегашната состојба со корона вирусот како сериозна, но не и критична и истакна дека најважен баланс е оној меѓу точните информации и пораките со кои се повикуваат граѓаните да бидат внимателни, кои истовремено не треба да предизвикуваат страв и паника.
Говорејќи за телевизијата „Н1“ во Загреб, Ѓикиќ, кој е молекуларен биолог на Универзитетот Гете во Франкфурт, рече дека бројот на заразени во Хрватска е многу близу до оној во март.
Тој не смета дека излегувањето на изборите, што ќе се одржат в недела во Хрватска, е особено опасна ситуација.
Ако гласачите се придржуваат кон пропишаните мерки, не би требало да има проблеми. Мора да испраќаме позитивни и точни информации, да не се потценува опасноста, но и да не се плашат граѓаните. Научниците се согласија дека пораката до јавноста треба да биде дека не смееме да се плашиме, но вирусот е со нас и натаму е опасен. Ако се однесуваме правилно, можеме да го контролираме неговото ширење, но не знаеме што ќе се случи наесен – истакна угледниот научник.