Хрватскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за Црна Гора, Тонино Пицула, порача дека состојбата во врска со Законот за слобода на вероисповеста во Црна Гора мора да се реши со договор, затоа што секоја натамошна поларизација на општеството може само да им наштети на некои други процеси во земјата.
Во интервју за Радио Црна Гора, Пицула вели дека дијалогот е основниот инструмент во политиката .
– Ми се чини, без да сакам детално да навлегувам во односите на црногорската сцена, дека овој закон е донесен во една поларизирана општествена и политичка атмосфера. Сега се поставува прашањето како да се овозможи дијалог за законот и негово спроведување – вели Пицула.
Тој додава дека може да побара поголема одговорност од сите инволвирани или заинтересирани за решавање на овој проблем, затоа што верува дека договорот нема алтернатива.