Хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, денеска најави дека во следниот период ќе се размисли за олабавување на мерките за спречување на ширењето на пандемијата на коронавирусот.
Министерот за ХТВ кажа дека е можно да се предвиди однесувањето на вирусот, но дека не сакаат да се врзуваат за рокови што не можат да ги испочитуваат.
Тој додаде дека растот на заболени во Хрватска е се уште во границите што самите ги одредиле и дека нивната стратегија делува, дека ја имаат и дека е многу јасна- целта е да се забави значителен раст на заболените и на здравствениот систем да му се овозможи да дава адекватна заштита, да не биде преоптоварен.
-Можам да кажам дека нашите податоци се многу добри и задоволителни. Бевме загрижени за балансот на мерките што го спречуваат ширењето на вирусот и овозможувањето нормални животни активности, рече Берош.
Тој кажа дека тоа што Хрватска ја чека во следните недели е размислување за релаксација, олабавување на тие мерки, за да се овозможат сите животни токови што можат да се одвиваат непречено, за да можат и економските активности да заживеат, но и натаму да се има под контрола бројот на заболени.