Регион 02. март 2021. / 21:42

Хрватска нема да ја чека ЕУ, бара дозвола за Спутник V

Хрватска нема да ја чека ЕУ, бара дозвола за Спутник V

Министерството за надворешни работи на Хрватска ја побара од руската страна документацијата за вакцината Спутник V, јавуваат хрватските медиуми.

Врз основа на тоа хрватската Агенција за лекови и медицински производи би можела да даде одобрување за интервентен увоз, неофицијално дознава Јутарњи лист.

Сè поголем број европски земји преговараат со Русите, и покрај тоа што вакцината Спутник сè уште не е одобрена од Европската агенција за лекови. Дека преговорите се во тек покажува и информацијата, според сознанијата на Јутарњи, дека хрватскиот министер за здравство во вторникот разговарал со рускиот амбасадор во Загреб за вакцината.

Имено, станувало збор за милион дози, но токму одобрувањето, односно соодветната документација и регулативата за увоз претставуваат најголем проблем. Дека постои можност да не се чека одобрувањето од ЕМА потврдува и Халмед, каде објаснуваат дека во случај на вонреден увоз на вакцина која не е одобрена во Европската Унија, вакцината може да се употребува во Хрватска.

Ситуацијата со набавката на вакцини од сите три компании од кои Хрватска нарачала големи количества е уште полоша отколку што беше. Соединетите Американски Држави ја регистрираа вакцината на компанијата Џонсон&Џонсон, од кои Хрватска нарачала 900.000 дози, но Америка не дозволува извоз на вакцините кои се произведуваат во САД сè додека не го вакцинира своето население.