Регион 15. мај 2020. / 13:51

Хрватска ги отвори плажите, но ова се правилата доколку сакате да летувате таму

Хрватска ги отвори плажите, но ова се правилата доколку сакате да летувате таму

Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ) објави препораки за пливање во морските и копнените површински води за време на епидемијата, и за пливањето во базени и водни паркови, при што максималниот број на луѓето на плажите е ограничен на 15 на површина од 100 квадратни метри.

За морските и слатководните капалишта, максималниот број на лица дозволени да останат во исто време се определува според принципот на 15 лица на 100 квадратни метри нето-површина, се вели во препораките на ХЗЈЗ.

Покрај тоа, на сите посетители и вработени им се советува да се придржуваат кон правилата за физичко растојание од 1,5 метар, што вклучува и растојание при пливање.

Исто така, на влезот и во подрачјето каде што престојуваат посетителите, потребно е да се постават информации за хигиенски процедури и со упатства за правилно однесување и мерки за заштита, кои треба да се следат или кои се валидни во таа област.

На морските и слатководните капалишта неопходно е да се постават дозатори со средства за дезинфекција на разумни растојанија и на видливи места. Исто така, концесионерот треба да ги оддели лежалките за да обезбеди физичко растојание и да обезбеди лице кое може да ги надгледува пропишаните мерки.

Лежалките треба да се дезинфицираат неколку пати на ден, а особено откако одреден гостин веќе не ја користи лежалката и пред да ја користи друг гостин.

Чистењето и дезинфекцијата на санитарните јазли треба да се врши на секои два часа (доколку е потребно и почесто), како и да се зголеми бројот на вработените за дневно чистење во секој санитарен јазол. Во исто време, употребата на санитарни јазли треба да биде ограничена во согласност со големината и пропишаните санитарни услови, се додава во упатствата.