Регион 17. мај 2018. / 15:07

Хрватска: 60.000 мигранти се подготвени да влезат во ЕУ

Хрватска: 60.000 мигранти се подготвени да влезат во ЕУ

Хрватската влада го алармира остатокот од Европската Унија со тврдењето дека балканската мигрантска рута во блиска иднина може повторно да се отвори и дека 60.000 мигранти се подготвени да влезат во европскиот блок. Хрватското Министерство за внатрешни работи предупреди дека мигрантите може да се обидат да пробијат нов пат низ балканските држави што ќе минува низ Грција до Албанија, потоа Црна Гора, Босна и низ Хрватска.

Министерството потоа ја повика ЕУ да обезбеди помош во зајакнувањето на заедничката надворешна граница за да се спречи потенцијалната хуманитарна криза, пишува „Ил џорнале“.

Процената за 60.000 мигранти доаѓа од словенечката полиција, која вели дека има многу мигранти што моментно се наоѓаат помеѓу Грција и Албанија и бараат безбеден пат за влез во Европската Унија.

Во првите четири месеци од 2018 година има значителен пораст во бројот на мигранти што се обиделе да ја преминат хрватската граница со Словенија. Во одреден временски период 1.266 мигранти се обиделе да ја преминат границата, што е зголемување од 280 отсто во споредба со минатата година. Заедно со речиси 60.000 мигранти, кои веќе се на Балканот, бројот на мигранти што преминуваат од Турција во Грција исто така драматично се зголемил оваа година.

Димитрис Мавридес, градоначалник на Орестијада, град на грчко-турската копнена граница, предупреди: „Нашите приемни капацитети се преплавени и ситуацијата е речиси надвор од контрола. Многу повеќе мигранти доаѓаат отколку што всушност се регистрираат“.

Друг важен фактор што има потенцијал да предизвика нова мигрантска криза е неодамнешниот предлог на грчката влада да им се дозволи на мигрантите што се наоѓаат на островите во Егејското Море слободно да патуваат до копното. Предлогот доаѓа кога невладините организации и другите групи ја притиснаа владата поради сериозниот проблем со пренатрупаност на островите, што доведе до насилство во неколку случаи.