Регион 05. March 2019. / 12:09

Хоти: Премиерот,Претседателот и Парламентарниот спикер го кршат Уставот

Хоти: Премиерот,Претседателот  и Парламентарниот спикер го кршат Уставот

Шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти ги обвини раководителите на трите највисоки државни институции дека со нивните дејствија го кршат Уставот на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоти во објава на Фејсбук ги посочи конкретните, според него, противуставни дејствија на претседателот на државата Хашим Тачи, првиот човек на Собранието на Косово, Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај.

– Суверенитето и границата на Косово се бранат со уставни одлуки. Премиерот, со делегирањето на дијалогот со Србија кај претседателот, го прекрши Уставот со тоа што не ги извршува своите уставни обврски. Претседателот секојдневно го крши Уставот залагајќи се, во и надвор од Косово, за корекција на границите. Парламентарниот спикер е само публика, води кампања на терен без никаква институционална сериозност, а се нарекува себе си шеф на владејачката коалиција-напиша Хоти.

Според шефот на пратениците на најголемата косовска опозициска партија, „за да ги покријат промашувањата и неуставните заложби, претседателот, премиерот и претседателот на Собранието ги заострија меѓусебните обвинувања“.

– Во една груба кампања, тие ги туркаат напред нивните клановски и партиски агенди, нанесувајќи ѝ штети на косовската држава. За излез од оваа ситуација,  што поскоро треба да им дадеме можност на граѓаните на суверена Република Косово, во нејзините државни граници од 17 февруари 2008 година, да го кажат нивниот збор на слободни избори-порача Хоти.