Холандија побара суспендирање на безвизниот режим за граѓаните на Албанија, потврди денеска Европската комисија.
Барањето на Холандија доаѓа во време кога земјите-членки на ЕУ треба да одлучат што ќе прават со препораката на Европската комисија да отпочнат преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија.
Иницијатива за укинување на безвизниот режим беше покрената во холандскиот парламент врз основа на „значително зголемување на криминални активности на албанската мафија во Холандија, која ја злоупотребува слободата за патување без визи за проширување на својата мрежа за криумчарење“, пренесува „Ал џезира“.
Од комисијата потврдија дека добиле официјално известување за таквото барање и дека сега тоа „ќе се разгледа внимателно и со своја анализа (ЕК-нз) ќе го запознае Советот на ЕУ и Парламентот“.
Ова е првпат за една земја од Западен Балкан да се бара повторно воведување визи.