Шефот на експертската делегација на Косово во дијалогот со Србија, Скендер Хисени, изјави дека нема да има договор со Белград доколку „меѓусебното признание“ не биде конечен исход од дијалогот.
Тој по состанокот со претставниците на Белград во Брисел, соопшти дека се водени „тешки разговори“ за елементите кои на крајот ќе бидат дел од „сеопфатен правно обврзувачки меѓународен договор“.
Се работи за прецизен јазик кој нема да дозволи никакво двосмислено толкување на ниту една одредба – изјави Хисени по состанокот со претставниците на Белград во Брисел.
Прашан за претходните договори кои се постигнати во рамки на дијалогот, шефот на косовската делегација наведе дека „се останато се подредува на ова што е ‘чадор’ кој ги опфаќа сите елементи“.
Хисени повтори дека конечниот договор „мора да опфати и меѓусебно признавање“.
Ако тоа не биде конечен исход, тогаш нема да има ниту договор. Или ќе се договориме за се или нема да се договориме за ништо – наведе Хисени.