Регион 18. јули 2018. / 13:12

Хашим Тачи: За независноста на Косово нема компромис

Хашим Тачи: За независноста на Косово нема компромис

Гледам светло на крајот на тунелот. За жал, Србија продолжува да живее во минатото. Вучиќ и Србија треба да сфатат дека Косово веќе 10 години е независна и суверена држава и дека не постојат компромиси по тоа прашање, изјави косовскиот претседател, Хашим Тачи, по состанокот со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и претседателот на Србија, Александар Вучиќ што се одржа денеска во Брисел.

На состанокот бил разгледан напредокот во разговорите за правно обврзувачкиот договор за нормализирање на односите меѓу двете земји. Како што соопшти Европската Комисија по состанокот, договорено е новата рунда политички дијагол да се одржи за неколку недели.

Тачи оцени дека денешниот состанок со Вучиќ бил најтежок во последните шест години колку што се води дијалогот Косово-Србија.

„Косово е е цврсто определено да се забрза последната фаза од дијалогот за нормализација на односите меѓу двете земји која треба да заврши со зачленувањето на Косово во сите меѓународни институции“, рече Тачи.

Според него, денеска на состанокот станало збор за европската иднина на Косово и за конкретните чекори кои треба да ги преземе во однос на ЕУ. „Заклучивме и потврдивме дека Косово е спремно и определено за дијалог, мир на Балканот и зачленување во ЕУ и НАТО“, рече Тачи.