Претседателот на Косово, Хашим Тачи го потпиша указот за повлекување на амбасадорката Вљора Читаку од мисијата во Соединетите Американски Држави по нејзино барање. Таа преку писмо го замоли претседателот Хашим Тачи да ја разреши од функцијата амбасадор во САД на 24 септември.
„Официјално е. По повеќе од пет години поминати во Вашингтон, време е да се вратам дома. Претставувањето на Косово во САД е чест на мојот живот. Би сакала да им се заблагодарам на институциите на Косово за довербата што ми ја дадоа во ова време. Исто така, бев многу привилегирана да ги презентирам неверојатните приказни за косовската младина во Вашингтон Д.Ц. и низ САД. Благодарам на сите млади луѓе кои не инспирираа. Беше голема радост да бидам ваш шампион. На сите мои пријатели во Д. Ц и САД, благодарам за вашата соработка. Иако пандемијата ги ограничи моите опции, ќе се обидам да запознаам некои од вас пред да одам. САД, благодарам што ме прифативте, Косово еве си доаѓам“, напиша Читаку на „Твитер“ по објавувањето на веста од претседателскиот кабинет.
На почетокот на март поранешниот министер за надворешни работи Глаук Коњуфца ја отпушти Читаку од работа поради скандал со признавањето на Косово од страна на Јамајка. Но, откако Косовскиот парламент, на вонредна седница, изгласа недоверба на владата на премиерот Албин Курти нејзината функција веќе не беше предмет на дебата.
Вљора Читаку добиваше многу пофалби за нејзините говори во Советот за безбедност каде што се соочуваше со српскиот министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Нејзиното враќање во Косово отвори прашање дали таа ќе биде кандидат за претседател. Според косовските медиуми Вљора Читаку е една од кандидатите која може да дојде на местото на Тачи бидејќи се ближи времето Специјалниот суд да донесе одлука за сегашниот претседател.
Пред да стане амбасадорка, Читаку беше заменик министер за надворешни работи од 2007 до 2009 година, а од 2009 до 2010 година беше вршител на должноста министер за надворешни работи. Од 2010 до 2014 година беше министер за евроинтеграции.