Косовскиот премиер Рамуш Харадинај објави на својот Фејсбук профил дека од „денеска меѓу Република Косово и Република Албанија не постои граница“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај ова го објави по церемонијата што се одржа попладнево по повод потпишувањето на спогодбата меѓу владите на Косово и Албанија за подигање на единстен граничен премин меѓу двете земји.
– Тоа што некогаш беше граничен премин на Косово, не постои веќе, сосема е отстрането. Не очекува и развојот на другиот дел од потребните договори и протоколи, за да не се запираат возилата, односно тука ќе се запира само по некое возило заради потребните рутински процедури- изјави Харадинај на граничниот премин Морина.
Меѓудржавната спогодба за воспоставување единствен граничен премин денеска ја потпишаа министрите за внатрешни рабооти на Косово и Албанија, Екрем Мустафа и Сандер Лешај.
Целта на спогодбата, како што изјавија претставниците на двете држави, е да се воспостави интегрирано менаџирање на границата од двете држави, а Харадинај изрази уверување дека тоа ќе се случи мошне наскоро.
– Значи, нема да има двојна контрола, туку само една и верувам дека до 2 април оваа граница ќе биде точката која не обединува, изјави косовскиот премиер, најавувајќи интензивирање на работите во текот на наредните месеци за „целосно укинување на границата Косово-Албанија, засновано врз шенгенските принципи.
По потпишувањето на спогодбата меѓу Приштина и Тирана, Харадинај се огласи и на својата страница на Фејсбук, каде што оцени дека, со ова, „се јакне и унапредува билатералното партнерство меѓу двете земји“.
– Во тој дух, денеска бев почестен да учествувам на потпишувањето на договорот за подигање на заеднички гранични точки меѓу Косово и Албанија по принципот на ИБМ и на нашиот заеднички европски пат. Од денеска границата меѓу Косово и Албанија веќе не постои! Честитки Косово, честитки Албанија!-порача Харадинај.