Регион 14. јануари 2019. / 22:23

Харадинај не доби американска виза поради царините против Србија

Харадинај не доби американска виза поради царините против Србија

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај не добил американска виза и нема да може да учествува во работата на една конференција за Балканот на почетокот на февруари, јавува Ал џезира Балканс, повикувајќи се на извори од американскиот Стејт департмент.

Харадинај претходно добил покана за учество во работата на конференцијата која ќе се одржи на 6 февруари.

Меѓутоа, извор од Стејт департментот потврдил дека косовскиот премиер на добил влезна виза поради воведувањето стоотстотни царини на стоката од Србија и Босна и Херцеговина.

Се наведува дека отстуството на Харадинај за Ал џезира го потврдил и еден од организаторите.

Претходно денес беше објавено и дека Советот за национална безбедност на САД и Стејт департментот усвоиле документ со осум точки во кој од владата во Приштина се бара веднаш да ги укине царините или во спротивно Вашингтон ќе ѝ воведе санкции на Приштина.

Харадинај одговори дека Приштина ќе ги укине царините откако ќе добие меѓународни гаранции дека финалниот договор со Белград ќе резултира, како што кажа, со заемно признавање.