Регион 12. ноември 2018. / 10:00

Харадинај: Косовската војска ќе делува на југ и на север

Харадинај: Косовската војска ќе делува на југ и на север

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај изјави дека идната војска на Косово ќе делува и на југ и на север и оцени дека е важно сите заедници кои живеат на Косово да бидат дел од војската, но не прецизира кога таа би можела да биде формирана.

Харадинај во интервју за „Косовапрес“ рече дека е важно сите заедници кои живеат на Косово да бидат дел од војската, како и дека нивната примарна задача е да го заштитат Косово.

-Безразлика на националноста, сите припадници на Косовските безбедносни сили (КБС) се должни да го бранат Косово, во спротивно ќе одговараат- рече Харадинај, напоменувајќи дека во редовите на КБС има исклучително вредни мажи и жени од сите заедници.

Харадинај во интервјуто говореше за разликите помеѓу КБС и косовската војска.

-Ве уверувам дека разликата е голема, се зголемува надлежноста на КБС и дава мандат за одбрана на Косовo- изјави Харадинај.

Косовското собрание минатиот месец усвои Закон за трансформација на КБС во војска. Законот не беше поддржан од страна на пратениците на Српската листа.