Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, изјави дека ни косовскиот претседател, Хашим Тачи, ниту, пак, тој не се сопственици на Косово.
-Ние не сме сопственици на Косово, каде што живеат два милиони луѓе. Ако некој се осмели да преговара за територијата на Косово, тој е против Уставот- рече Харадинај во интервју за приштинската телевизија Т7, пренесе „Коха“.
Харадинај е уверен дека со Белград би било полесно да се постигне договор ако темата за корекција на границите не е отворена. Тој вели дека прашањето за границите ги нарушило односите на Приштина со нивните пријатели.
Харадинај зборуваше и за недамнешната заедничка вечера во домот на Тачи, на која присуствувал и премиерот на Албанија, Еди Рама.
На вечерата присуствувале и неговите заменици, Беџет Пацоли и Фатмир Љимај, како и претседателот на парламентот, Кадри Весели.
-За време на вечерата воден беше достоинствен разговор- рече Харадинај гостувајќи во емисијата „Пресинг“.
Објасни дека тој разговор го иницирал премиерот Рама и дека неговата идеја била состанокот да биде одржан во Тирана, но се случило тој да биде во Приштина.
-Беше тоа внимателен разговор на познати теми: такси, дијалог, опции за конечно решение на прашањето за Косово. Немаше промена на ставот- тврди Харадинај.