Официјалниот претставник на грчката опозициска партија Неа демократиа, Василис Кикилијас, ја нападна грчката влада поради тоа што не се извинила за пожарите околу Атина. Во пожарот настрадаа 88 лица, а Кикилијас ги повика одговорните власти да поднесат оставка поради оваа катастрофа.
Кикилијас во интервју за весникот Врадини рече дека превенцијата е најдобар начин за борбата со пожари, заедно со употребата на човечки ресурси, летала и обезбедување ефикасни координирани акции.
„Во овој случај, се чини дека ништо од споменатото не функционирало како што треба. Областа (зафатена со пожар) требаше да биде напуштена и луѓето преселени на безбедно. Со ова ќе се избегне сега да ја оплакуваме загубата на толку многу човечки животи“, рече Кикилијас.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас завчера изјави дека презема целосна политичка одговорност за пожарите што однесоа човечки жртви во Атина.
Ципрас побара од министрите исто така да преземат одговорност, „без разлика колку е тешко“, затоа што тоа е неизбежно како за премиерот, така и за владата.
„Целосно ја преземам политичката одговорност за трагедијата“, рече Ципрас во телевизиска изјава пред состанокот. Доказите доведоа до заклучок дека пожарите ги предизвикале подметнувачи, а владата брзо и решително ќе подготви национален план што ќе ги опфати децениските прекршувања на правилата во градењето, рече тој.
Грчката влада ги преживува своите најлоши моменти од преземањето на функцијата, рече Ципрас.
Грчката опозиција ја обвини владата за ароганција и за неуспех да ги заштити животите на луѓето во пожарот што го опустоши гратчето Мати.