Копретседавачот на парламентарната комисија за стабилизација и придруживање ЕУ-Србија во Европскиот Парламент, Тања Фајон, во интервју за белградската ТВ Н1, изјави дека била погрешна одлуката за недоделување датум за почеток на преговори на Македонија и Албанија.
– Не можам да кажам дека тоа беше одлука на ЕУ, тоа беше одлука на една земја, Франција, која од внатрешни политички причини го блокираше приближувањето на Северна Македонија и Албанија. Ние сме пријатели, бараме процесот да продолжи. Франција и другите земји кои ќе го блокираат таквото проширување ќе бидат одговорни за стабилноста на регионот, кога, од друга страна, имаме земји кои се подготвени да преземат некој дополнителен чекор – истакна Фајон, потсетувајќи дека ЕП минатата недела даде јасна порака дека го поддржува проширувањето на ЕУ за сите земји од Западен Балкан.
По отсуство на одлуката на ЕС за отворање преговори со Македонија и Албанија, претседателот Александар Вучиќ во голем број интервјуа (Стандард, ФТ) изнесе оценка за последователно зголемување на недовербата во регионот кон ЕУ и потребата од „развивање врски со други партнери, како што се Турција, Кина и Русија“, за што Фајон вели дека во Брисел сигурно постои сериозна загриженост.
– Кога имавме санкции (ЕУ против Русија), Србија не ги воведе, и тоа беше една од сериозните критики на Брисел. Сите знаеме дека Западен Балкан е полигон со различни геополитички интереси, но Србија е дел од Европа. Се плашиме од Кинезите и од бизнисот со продажба на оружје и од слични такви работи – ова се сериозни грижи, но отворениот дијалог со Русија и Кина е нешто што е нормално, и Словенија има отворен дијалог, но друго е тоа каде сакаш да отидеш, во која насока. Очекувам дека Србија искрено ќе работи и понатаму за влез во ЕУ – изјави Фајон.