Регион 15. мај 2020. / 22:30

ЕУ размислува да го продолжи мандатот на ЕУЛЕКС за две години

ЕУ размислува да го продолжи мандатот на ЕУЛЕКС за две години

Земјите-членки на ЕУ разговараат за продолжување на мандатот на ЕУЛЕКС во Косово, кој истекува на 14 јуни годинава, соопшти канцеларијата на ЕУЛЕКС.

-Откако ќе се донесе одлуката, таа ќе биде официјално објавена, велат од ЕУЛЕКС за Радио Слободна Европа.

Косовскиот претседател Хашим Тачи неделава се сретна со шефот на ЕУЛЕКС, Ларс Гунар Вигмарк, но детали што било разговарано на средбата не се дадени.

Според сегашната практика, продолжувањето на мандатот е можно само со размена на писма меѓу претседателот на Косово и шефот на европската дипломатија, без потреба Косовското Собрание да се изјасни и да донесе одлука.

Граѓанското општество смета дека на Косово сè уште му е потребна мисија на ЕУЛЕКС, но без извршни овластувања.

Бетим Муслиу од косовскиот институт за правда рече дека мандатот на ЕУЛЕКС е поврзан со мандатот и времето колку активен ќе биде Специјалниот суд за наводни воени злосторства на високи офицери на поранешната ОВК.