За потребата активно да се поддржи европската перспектива на земјите од Западен Балкан, разговарале меѓу другото српскиот претседател Александар Вучиќ и поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, јави дописничката на МИА од Атина.
Во рамките на дводневната официјална посета на Грција, Вучиќ вчера се сретна со Ципрас, а лидерот на СИРИЗА, преку социјалните мрежи ги откри темите за кои разговарале.
–Се сретнав со претседателот на Србија, Александар Вучиќ со кој разговарав за важноста на грчко – српските односи за нашите народи и за Балканот како и за потребата за активна поддршка на интегративната перспектива на Западен Балкан во критичниот период за регионот. Истакнавме дека единствена основа за мир и стабилност во нашиот регион е почитувањето на меѓународното право – напиша Ципрас на „Фејсбук”.