Регион 14. декември 2020. / 14:18

Европската комисија ќе го подели вишокот вакцини со земјите од Западен Балкан

Европската комисија ќе го подели вишокот вакцини со земјите од Западен Балкан

Европската комисија е посветена на споделување на вишокот на вакцини против Ковид-19, набавени за земјите-членки на ЕУ, со земјите од Западен Балкан, но засега не се знае кога тоа би било изводливо.

Во врска со интересот на медиумите за тоа кога „европскиот вишок на вакцини“ може да биде достапен за земјите од Западен Балкан, портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер рече дека во моментов има многу непознати во самата ЕУ во врска со датумот и темпото со кое ќе бидат достапни вакцините.

Нашата јасна намера е да ги охрабриме земјите-членки да го споделат вишокот вакцини со земјите од Западен Балкан и другите соседи и да го организираат во европски процес“, рече Мамер.

Тој потсетува на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која повеќепати рече дека на ниво на ЕУ, „донациите на вакцини од земјите-членки за земјите од Западен Балкан ќе бидат координирани“ и додаде дека деталите сè уште се разработуваат.

Портпаролот на Европската комисија забележува дека вакцините што ќе бидат проследувани до ЗБ ќе бидат „исти како оние што ќе се користат во ЕУ“.

ЕК досега има потпишано шест договори со фармацевтски компании, со кои се обезбедени над 1,3 милијарди дози вакцини против ковид 19.