Регион 12. јуни 2020. / 23:15

Европол ќе воспостави соработка со косовската полиција

Европол ќе воспостави соработка со косовската полиција

Управниот одбор на Европол на својата последна седница го одобрил склучувањето Рамковен договор со агенциите за спроведување на законот во Косово.

Како што соопшти хрватското Министерство за внатрешни работи, договорот предвидува соработка меѓу Европол и косовската полиција, царината, даночната администрација и единиците надлежни за спречување на перењето пари во борбата против организираниот криминал, корупцијата и другите форми на сериозен криминал.

Според соопштението на хрватското министерство, договорот отвора нови можности за меѓународна полициска соработка, како што е пристап до комуникацискиот канал „Европол“ и, како што се забележува, договорот обезбедува проактивен начин на соработка со сите земји членки на ЕУ.

Министерството за внатрешни работи потсетува дека Република Хрватска, во својство на претседавач со Советот на ЕУ, силно го охрабри зајакнувањето на соработката со партнерите од Југоисточна Европа, што е потврдено со Декларацијата од Загреб, донесена на 6 мај, на состанокот на лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан во областа на миграцијата и безбедноста.