Регион 24. август 2018. / 15:19

Евроамбасадорката Влахутин прогласена за почесен граѓанин на Валона

Евроамбасадорката Влахутин прогласена за почесен граѓанин на Валона

Претставникот на мисијата на ЕУ во Албанија, Романа Влахутин, чиј мандат во оваа земја завршува, денеска беше прогласена за почесен граѓанин на примрскиот град Валона.

Признанието и го врачи градоначалникот Дритан Лели, кој и подари и слика со зајдисонце во Лунгомаре.

Но, она што најмногу го привлече вниманието на оваа свеченост е двоглавиот орел на ѓерданот од бисери околу вратот на евроамбасадорката Влахутин.

Таа имаше објаснување за тоа, велејќи дека при обиколка на Лунгомаре и се скинал бисерот.

– На почеток се загрижив, но потоа си реков: Нека биде добар знак, истакна Влахутин.

Од септември на местото на Влахутин доаѓа Италијанецот, Луиџи Сореца. Тој е добар познавач на Албанија поради неговиот претходен ангажман како една од клучните личности во Брисел за добивање визна либерализација за албанските граѓани во 2010 година.

– Има големи познавања за регионот на Западен Балкан и во Албанија ќе дојде со големо искуство, повеќе од дваесет години, од областа на безбедноста, вклучувајќи го и проширувањето, што е од големо значење за идната фаза на Албанија на патот кон ЕУ, наведе тиранската телевизија „Ора њуз“.

Истиот извор додава дека новиот евроамбасадор во Тирана има посебни познавање од областа на правната држава и безбедноста и неговото назначување доаѓа во клучен момент на земјата поради бараниот напредок во реформите.