Шефицата на канцеларијата на Европската унија во Приштина, Наталија Апостолова, упати остри критики на одлуката за зголемување на платите на премиерот и другите членови на Владата, која беше поддржана и од Уставниот суд, кој утврди дека не биле прекршени законите.
Ваквата одлука, со која премиерот Рамуш Харадинај ги зголеми двојно платите за себе (од 1.430 на 2.950 евра) и членовите на Владата, според Апостолова, е спротивна на препораките на ЕУ во однос на јавната администрација.
– Ад хок вратената одлука за платите е спротивна на заедничките цели во врска со јавната администрација на Косово и истата треба да се повлече и да се чека усвојувањето на новиот закон за плати, изјави Апостолова.
По одлуката на Уставниот суд, чии членови со ова исто така ќе земаат двојно повисоки плати, кои ќе достигнат и до 4.000 евра, Владата повторно ја усвои одлуката која претходно на почетокот на годинава беше оспорена од Антикорупциската комисија, за што претеставничката на ЕУ во Приштина изрази жалење.
Одлуката на Харадинај наиде на остри критики од опозицијата, граѓанското општество и речиси целата косовска јавност, но тој покажа цврста решителност да ја спроведе во дело.