Регион 06. април 2020. / 19:39

ЕУ ќе му додели на Косово до 160 милиони евра помош за борба против корона вирусот

ЕУ ќе му додели на Косово до 160 милиони евра помош за борба против корона вирусот
Министерски состанок во Косово со шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Приштина, Наталија Апостолова

Шефицата на Канцеларијата на Еропската унија во Приштина, Наталија Апостолова, најави дека Косово може да очекува помош од Брисел за справување со епидемијата на Ковид-19 во висина од 160 милиони евра.

Во објава на Твитер по денешните разговори со косовската министерка за економија, Розета Хајдари, и министерот за финансии, Бесник Бислими, Апостолова најави дека помошта може да се реализира во наредните два до шест месеци.

– Разговарав денеска со министрите Розета Хајдари и Бесник Бислими за натамошната поддршка од ЕУ за Косово за справување со Корона-19. До 160 милиони евра можат да бидат достапни за Косово од ЕУ во наредните два до шест месеци преку макро-финансиска поддршка, поддршка на буџетот и ИПА-грантови за поддршка на приватниот сектор, земјоделството и олеснувањето на немаштијата, напиша Апостолова.

Канцеларијата на Европската унија во Косово минатиот месец обезбеди помош од 5 милиони евра за здравствената заштита на населението на Косово, но и на домашната економија, со цел да се ублажи кризата предизвикана од пандемијата.