Претседателот на Еропскиот Парламент Давид Сасоли соопшти дека Европската унија бара начини како да ги вклучи земјите од Западниот Балкан во своите механизми за справување со пандемијата на вирусот Ковид-19.
Сасоли изрази целосна поддршка во обидите за изнаоѓање на најдобри решенија за земјите од Западниот Балкан да бидат заштитени од негативните последици кризата.
Претседателите на парламентите на Македонија Талат Џафери, на Албанија Грамоз Ручи, на Претставничкиот дом на Парламентарното Собрание на БиХ Денис Звиздиќ, на Народниот дом на Парламентарното Собрание на БиХ Драган Човиќ, на Косово Вјоса Османи, на Црна Гора Иван Брајовиќ и на Србија Маја Гојковиќ на 25 март упатија апел за помош на Западен Балкан во борбата против пандемијата на Ковид-19 до претседателот на ЕП и до претседателката на ЕК, Урсула вон дер Лејен.
– Живееме во време на предизвик без преседан, предизвикан од пандемијата Ковид-19. Глобалните проблеми не можат да имаат национални решенија и, на многу начини, оваа пандемија на Коронавирус е тест за нашата европска солидарност. Институциите на ЕУ направија добро и претставија еден унитарен фронт во предлагањето на европски решенија – решенија засновани на солидарност и кои се стремат да не ги остават зад себе најранливите земји – пишува Сасоли во одговорот.
Тој наведува дека Западниот Балкан е дел од европското семејство и нивната европска определба е несомнена.
– Целосно се согласувам кога ќе кажете дека сите мерки преземени на европско ниво треба да ги вклучат вашите земји и во најмала рака да не предизвикаат негативни последици врз вашите напори да се справите со пандемијата Ковид-19. Бидете уверени дека ЕУ веќе бара начини да го вклучи вашиот регион во своите механизми за одговор. Како претседател на Европскиот парламент, ве уверувам во мојата целосна поддршка за изнаоѓање на најдобри решенија за да бидете заштитени од негативните последици од оваа криза – порачува Сасоли.
Во писмото што го упатија до Сасоли и до Вон дер Лејен, претседателите на парламентите побараа поддршка земјите од Западен Балкан да бидат изземени од одлуката за рестрикција на извоз на медицинска опрема од Европската Унија.
Тие бараат и разгледување на вклученоста на регионот на Западен Балкан во ЕУ-плус шемата на авторизиран извоз, доколку е неопходно да се овозможи на регионот на Западен Балкан да стане дел од заедничките договори за јавни набавки за медицински противмерки и оттука да учествува во заедничката набавка на медицинска и заштитна опрема за борба против пандемијата на Ковид-19 и разгледување на можноста за дозвола на регионот на Западен Балкан да ги пренамени постојните фондови од Инструментот за претпристапна помош (ИПА 2) за борба против пандемијата на Ковид-19, како и користење на сите други фондови достапни од разните ЕУ фондови достапни за оваа намена.