Амбасадорот на мисијата на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца денеска ја повтори пораката дека земјите од ЕУ ги следат резултатите на албанската Влада во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
– Она што земјите членки го очекуваат од Албанија беше јасно кажано во јуни минатата година, а тоа е да се консолидира напредокот на клучните приоритети и особено да се дадат конкретни резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал- порача Сореца.
Амбасадорот подвлече дека реформата во правосудството базирана на проверката на потеклото на имотот на судиите и обвинтелите, позната како ветинг, функционира и е неповратна, но оти мора да има континуирана историја на кривично гонење и изрекување казни.
– Во последниве неколку месеци имаше многу охрабрувачки акции во спроведување на законот, кои не само што треба да продолжат, туку и да бидат проследени со континуирана историја на обвиненија и конечни казни. Исто така, неодамна видовме многу важен напредок во областа на правната реформа, со појавата на нови институции, што го отвора патот за назначување судии во Врховниот суд, како и за формирање на други високи судски инстанци-рече евроамбасадорот.
Тој посочи дека ЕУ ги поздрави последните случувања, но треба да се направи повеќе и оти би било погрешно доколку Албанија силно не се фокусира во тој правец следните месеци.