Регион 08. септември 2019. / 13:17

Eрдоган се заканува на ЕУ дека ќе ги пушти мигрантите

Eрдоган се заканува на ЕУ дека ќе ги пушти мигрантите

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера ја повтори својата закана дека ќе ги отвори границите за сириските бегалци, додавајќи дека Турција не би можела сама да поднесе уште еден прилив на емигранти од Сирија.

Постои нова емигрантска закана од сирискиот регион Идлиб, кажа Ердоган и побара од Европската Унија финансиски да помогне.

Или ќе го споделите тој товар, или ќе ги отвориме вратите, порача турскиот лидери и додаде дека ЕУ сѐ уште не го исполнила своето ветување за финансиска помош.

ЕУ во 2016 се согласи на Анкара да ѝ исплати 6 милијарди евра во замена за сопирање на емигрантите на турска територија. Ердоган тврди дека Турција на сириските бегалци досега потрошила околу 40 милијарди долари, а дека ЕУ ѝ дала околу 3 милијарди евра.

Мораме ли секогаш ние да се грижиме за тоа? Овој пат нека се погрижат тие, заклучи Ердоган.

Портпаролката на ЕУ за миграции Наташа Бертро во четвртокот, по првата закана од Ердоган со отворање на границите, кажа дека ЕУ веќе исплатиле 5,6 милијарди евра.