Регион 20. септември 2018. / 13:42

Ердоган ги повика Турците што живеат во странство активно да се вклучат во политичкиот живот

Ердоган ги повика Турците што живеат во странство активно да се вклучат во политичкиот живот

Партијата на правдата и развојот (АКП) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги повика Турците што живеат во странство активно да се вклучат во политичкиот живот.

– Сакаме нашите граѓани кои живеат во странство, поактивно да учествуваат во политиката во Турција и во реоните во кои се населени, изјави потпретседателот на АКП, Џевдет Јилмаз.

Во изјава за агенцијата Анадолија, Јилмаз нагласи дека АКП сака припадниците на турската дијаспора да учествуваат не само на изборите во Турција, туку и во земјите во кои живеат.

– Сакаме тие да бидат вклучени во политичките партии и да бидат кандидати на избори, независно од која партија, нагласи Јилмаз.

Според Јилмаз, кој е одговорен за надворешна политика во АКП, Турците што живеат во странство претставуваат „огромна поддршка за Турција“.

– Турција отсекогаш ја поддржувала интеграцијата на Турците што живеат во странство. Ние меѓутоа сме против асимилација, нагласи Јилмаз.

Над пет милиони лица со турско потекло живеат надвор од Турција и тоа во најголем број во европските земји, како Германија, Франција и Белгија.