Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, се најде на врвот од листата на највлијателни муслимани од целиот свет, втората позиција му припадна на саудискиот крал Салман Бин Абдулазиз Ал-Сауд, додека пак на трето место е јорданскиот крал Абдула Втори, објави новинската агенција „Анадолија“.
Јубилејната десетта едиција на годишната листа „500 највлијателни муслимани“, овој пат за 2019 година, ја објави Кралскиот исламски центар за стратешки истражувања (Royal Islamic Strategic Studies Centre), со седиште во Јордан.
Во извештајот се вели дека Ердоган во август 2014. година станал првиот директно избран претседател на Турција и дека вториот мандат го освоил со победа во првиот круг.
„За време на мандатите на Ердоган, Турција постигна невиден економски раст, воведе уставни промени и повторно се етаблираше како една од главните светски сили“, се вели во соопштението.
Исто така се додава дека Турција под водство на Ердоган се фокусира на зајакнување на односите и соработката со земјите на сите седум континенти, а особено со соседите, вклучувајќи ја и Грција.
Во изданијата на листата 500 за највлијателни муслимани во светот за 2016. и 2017. година Ердоган го држеше осмото место, а во 2018. беше на петтата позиција.