Едмонд Темелко по четврти пат ќе влезе во трка за градоначалничката фотелја за општината Пустец во Албанија, објави Алсат. Албанската централна изборна комисија ја верификуваше денеска неговата кандидатура. Тој е актуелен градоначалник на оваа општина. Темелко е предложен од македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција.
Инаку, кај нас, Едмонд Темелко е обвинет во случајот „Титаник“ за манипулации со поранешниот врв на ВМРО – ДПМНЕ за локалните избори во 2013. Денеска во Скопје имаше и редовно рочиште за овој случај на кое се изнесуваа докази. Претходно Темелко кусо беше и во притвор во истражниот затвор „Шутка“, но излезе поради нарушена здравствена состојба. Се брани од слобода, а како гаранција има понудено имот.