Регион 09. април 2020. / 09:42

Еден починат и 14 нови заразени со корона вирус на Косово

Еден починат и 14 нови заразени со корона вирус на Косово

Во текот на вчерашниот ден во Косово се регистрирани 14 нови заразени од корона вирусот, по што  официјалната бројка на заразени од Ковид-19 во земјата достигна до 224.

Како што објави Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК), имало и седум случаи на излекувани од вирусот. Со нив, бројот на лица кои и по две последователни испитувања резултирале со негативни тестови, како што се критериумите на Светската здравствена организација за некој да се смета за излекуван, се зголеми на 37.

Во текот на вчерашниот ден е забележан и еден нов смртен случај како последица на заразата, со што бројката на починати лица се искачи на шест. Вчерашната жртва, 66-годишна жена од село во општина Малишево, како и останатите петмина кои претходно починаа поради заразата, страдала и од други тешки болести, а била примена на 4 април во тешка здравствена состојба.

Во средата во лабораторијата за молекуларна микробилогија на ИШПК се тестирани примероците на 218 лица за кои постоело сомневање дека се можни носители на вирусот. Вкупната бројка на тестирани од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 2.570.