Регион 17. септември 2018. / 21:03

Ѕанакопулос: Грчкиот парламент сепак ќе го ратификува договорот

Ѕанакопулос: Грчкиот парламент сепак ќе го ратификува договорот

Во грчкиот парламент постојат политички сили за да биде ратификуван договорот од Преспа, и покрај ставовите на коалицискиот партнер и лидер на Независни Грци Панос Каменос дека ќе ја повлече довербата за Владата, изјави портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Њуз 24/7”.

„Позицијата на Каменос во однос на договорот е позната, тоа не се работи што не ги има кажано, но јас сум убеден дека во овој момент постојат политички корелации во грчкиот Парламент за ратификација на договорот и тоа ќе се покаже кога ќе се достави и кога ќе биде изгласан“. – изјави Ѕанакопулос.

Ѕанакопулос уште еднаш ги повтори предвидените чекори согласно договорот, референдумот во соседната земја, собраниската процедура за ревизија на Уставот и ако тоа се направи, како што рече, тогаш грчката Влада ќе го достави договорот од Преспа за ратификација во Парламентот колку е можно побрзо. Претходно, Каменос изјави дека ќе направи се Договорот од Преспа да не дојде во грчкиот Парламент, но ако договорот дојде во Парламентот, тогаш според Каменос, Независни Грци ќе ја повлечат довербата за Владата. Коалициониот партнер во грчката влада објаснува дека тој би ги повлекол сите министри од владата пред договорот да дојде во Парламентот.

„Јас веќе подолго време јавно се обврзав за една работа и ова не е сменето, ниту ќе се смени. Ние нема да учествуваме во влада што ќе го донесе во парламентот овој Договор, што значи дека ќе ја повлечеме довербата за Владата“. – изјави Каменос.

Коалицискиот партнер во грчката Влада, министерот за одбрана Каменос, повтори дека Независни Грци имаат разјаснето дека ниту го прифаќаат договорот, ниту отстапувањето на терминот Северна Македонија.