Поради сомнение дека можеби се заразени со коронавирус во Риека се хоспитализирани девет лица кои се вратиле од работа во Италија.
Веднаш по пристигнувањето во Хрватска, а поради престојот во ризично подрачје, работниците се ставени во изолација.
Еден од пациентите има симптоми кои укажуваат дека можеби е заразен со корона вирус, објавија хрватските медиуми. Другите осум засега се чувствуваат добро, но се чекаат резултатите од анализите кои треба дефинитивно да потврдат дали се заразени или не.
Во меѓувреме резултатите покажаа дека седумте лица за кои постоеше сомнеж дека се заразени со коронавирус се здрави, па така и официјално во Хрватска се уште нема ниту еден потврден случај на корона вирус.
Според хрватските власти изминатиов период голем број нивни граѓани престојуваа во северна Италија, така што се претпоставува дека е само прашање на време кога ќе се констатира првиот заболен. Токму затоа денес во Загреб се одржа и итен состанок на здравствените власти за тоа какви дополнителни мерки треба да се преземат да се спречи евентуалното ширење на вирусот.
На општините ширум Хрватска им е сугерирано да обезбедат простор што би се користел како карантин зона, а на граничните премини во Истра веќе се распоредуваат епидемиолози и санитарни инспектори кои ќе треба да прават контрола на лицата кои влегуваат во земјата.
Учениците коишто вчера беа ставени во куќен карантин, поради екскурзија во Италија, се ослободени од истиот, бидејќи анализите покажале дека меѓу нив нема заразени со корона вирусот.