Албанската државна полиција информира дека продолжуваат операциите за реадмисија и доброволно враќање на албанските граѓани од земјите на ЕУ, откако им било одбиено барањето за азил.
„Во акцијата што е реализирана во соработка со Фронтекс и француската канцеларија за емиграција (O.F.I.I), со чартер лет од Франција, во земјата се вратени 110 албански државјани. Станува збор за лица за кои е донесена одлука да ја напуштат француската територија откако им е даден негативен одговор на нивното барање за азил“, наведува полицијата.
Државната полиција повторно упатува апел до сите албански државјани да ги почитуваат правилата за движење во Шенген зоната и да не вложуваат никакви напори и да се изложуваат на непотребни трошоци, бидејќи Албанија се смета за безбедна земја поради што „шансите за добивање азил за албанските граѓани се еднакви на нула“.
Од појавата на пандемијата ова е прва група албански државјани кои се депортираат. Во првите два месеца од годинава вратени се околу илјада, главно од Франција и Белгија.