Огнената стихија во Грција не стивнува. Преплашени туристи и локални жители избезумено се евакуираат од областите зафатени од пожарите во кои досега загинаа 60 луѓе и за кои властите стравуваат дека биле намерно подметнати.
Властите побараа американски дронови да надлетуваат над опожарените области во потрага по „сомнителна активност“ бидејќи 15 пожари избувнале истовремено во разни области околу Атина, најверојатно од криминална банда со цел да ги ограбува домовите кои луѓето ги напуштаат во паника.
Ветровите со брзина од 104 км/ч и температурите од 40 степени Целзиусови не ги олеснуваат напорите на домашните и странските противпожарни единици да ја згаснат огнената стихија што е прогласена за „национална трагедија“ и “катастрофа од библиски размери“ во која луѓе загинаа на ужасен начин – голем дел од нив изгореа живи заробени во нивните автомобили.