„Многу западни земји што го признаа Косово сметаат дека тоа е веќе решено и дека само треба да ја натераат Србија да го признае Косово. Мислам дека на сите им е јасно и верувам дека претседателот Александар Вучиќ ќе каже дека таа опција, Србија да го признае едностраниот акт, не постои”, кажа Дачиќ за РТС пред утрешната средба на српскиот претседател со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин.
Шефот на српската дипломатија кажа дека признавањето на независноста на Косово „не би било коректно не само кон тоа историски важно државно и национално прашање”, туку би било и во спротивност со однесувањето на некои други земји, членки на ЕУ, кои се на страната на Србија, како Шпанија и Грција.
„Состојбата на терен оди во прилог на компромисно решение, кажа Дачиќ, истакнувајќи дека разговорите за трајно решение за Косово се „во почетна фаза” и дека Приштина не сака да разговара за трајно решение, туку смета дека тоа веќе е постигнато.
„Тие мислат дека ќе направиме сѐ за да станеме дел од Европската Унија”, оцени Дачиќ, а на забелешката дали тоа значи дека нема да се исполни сѐ што се бара од неа како услов за членство во Унијата, тој изрази сомнеж во опстанокот на ЕУ.
„Тоа е мое лично мислење, дека до 2025 прашање е дали ќе опстане ЕУ, а не пак каков ќе биде ставот на Србија околу тоа”, кажа Дачиќ.Односите на Белград и Приштина во последните две недели се оптоварени со тензии по апсењето на шефот на канцеларијата за Косово и метохија Марко Ѓуриќ во Косовска Митровица и одбивањето на косовските власти да ја формираат Заедницата на српски општини, што е обврска договорена со договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, потпишан во април 2013.