Кризата во светот предизвикана од пандемијата на коронавирусот ја покажа нефункционалноста на меѓународните и регионалните организации, како ОН и ЕУ, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Дачиќ за ТВ Пинк кажа дека Советот за безбедност на ОН се има состанато само еднаш од почеток на пандемијата, на 9 април, и тоа без успех, бидејќи не е составена ниту претседателска изјава, а да не се говори за резолуцијата.
-Ако не можете да составите соопштение за борба против Ковид-19 во вакви услови на пандемија, кога толку многу луѓе се заразени и починати, тогаш каква улога може да очекувате од таа организација во решавањето на тој проблем. Исто е и со другите организации, кажа Дачиќ.
Како што оцени една од последиците од пандемијата ќе биде преиспитување на улогата на меѓународните и регионалните организации, како што е ОН, нејзините специјализирани организации, како што е СЗО, но и на ЕУ и другите регионални организации.
Тој оцени дека пандемијата ќе го забрза приближувањето на Кина да стане светски економски лидер и дека тоа би можело да доведе до уште поотворено и директно соочување меѓу Кина и САД.
-Процесот ќе го зголеми притисокот врз другите земји да се позиционираат и да се одредат според таа борба на САД и Кина на економско поле и пошироко. Кризата може да се спречи само со вакцинација и дека вакцината сè уште не е пронајдена, кажа Дачиќ.