Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, порача дека во светот има речиси 5 и пол милијарди луѓе што не го признаваат Косово како независна држава, наспроти речиси трипати помалку што го признаваат. Тој прецизира дека од 194 членки на ОН, 94 држави не го признваат Косово, исто толку го признаваат, додека ставот на пет држави е спорен и под знак прашалник.
– Ние продолжуваме со политиката на повлекување на признавањата на Косово. Сакам да ја истакнам реалната ситуација, а тоа е дека во 94 држави што не го признаваат Косово живеат 5,4 милијарди луѓе, додека во земјите што го признаваат има само 2,05 милијарди – изјави Дачиќ.
Српскиот шеф на дипломатијата појасни дека пет држави се спорни поради тоа што се наоѓаат во процес на преиспитување на својот став, затоа што за некои од нив Приштина тврди дека ги признаваат, но не гласаат за нив.
– Косово ги нема тие пет гласови. Тие немаат мнозинство и бројот на земји што ги признаваат секој ден биде се помал – истакна Дачиќ, додавајќи дека бројот на членки нема да се зголемува, додека бројот на признавања ќе биде се помал.
Дачиќ објасни дека стратегијата на лобирање за повлекување на признавањата на независноста на Косово е да се натера Приштина да сфати дека мора да прави компромис.
Истовремено, српскиот министер најави дека во наредниот период ќе има уште држави што ќе го повлечат признавањето на независноста на Косово.