Црвениот крст денеска предупреди за наводите за насилство што граничарите во Хрватска го вршат над мигрантите кои се обидуваат да влезат во земјата од соседна Босна и Херцеговина. Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФРЦ) соопшти дека десетици лица кои се обидуваат да ја преминат границата секојдневно се лекуваат од повреди.
Портпаролката на ИФРЦ, Никол Робишо, денеска изјави дека некои мигранти се пожалиле дека биле претепани од хрватските граничари, но ИФРЦ не може да го провери тоа.
Регионалниот директор на ИФРЦ за Европа, Симон Мисири, истакна дека владите мора да обезбедат достоинство и почит за сите луѓе.
„Желбата да се контролира нечија граница не го оправдува насилството”, предупреди Мисири.
Од ИФРЦ велат дека повеќе од 8 000 луѓе влегле во Босна оваа година, што е за осум пати повеќе отколку во 2017 година, вклучувајќи и околу 3 000 во изминатите четири недели, а многумина доаѓаат од Авганистан, Пакистан, Иран или Сирија.