Регион 15. јули 2020. / 11:28

Црна Гора преку ноќ стана балканска држава со најмногу позитивни по глава на жител

Црна Гора преку ноќ стана балканска држава со најмногу позитивни по глава на жител

Откако црногорскиот Институт за јавно здравје ги внесе во системот резултатите од 2.000 тестови кои претходно беа испратени во Германија за анализа поради малиот капацитет на лабораториите во земјата, Црна Гора од „корона-фри“ стана држава во регионот со најмногу активни случаи на корона вирус на 100 илјади жители, пренесува Хина.

Резултатите стигнати од Германија покажале дека 475 од 2.000 анализирани тестови биле позитивни, а кога на постојната бројак биле додадени и 66 позитивни случаи потврдени во црногорските лаборатории, добиени се вкупно 1.453 активни случаи или 231 активен случај на 100.000 жители.

Црногорските медиуми објавија дека во Македонија има 167 случаи на 100.000 жители, 109 во БиХ, 66 во Србија, 52 во Албанија, 28 во Хрватска и 13 на 100 илјади во Словенија.

Шефот на црногорското Национално координативно тело за инфективни болести, Милутин Симовиќ, сепак изјави дека нема да се преземаат драстични мерки, како што беа оние од првиот бран, кога граѓаните остануваа во своите домови, а полицискиот час беше во сила по 19 часот.

Сега излегуваме за да работиме, затоа што и со економијата се брани јавното здравство. Ова е сега друг начин на живот со епидемија, при кој излегуваме од домовите, одиме на работа, но сепак толку многу треба да се редуцира, треба да се дистанцираме, да бидеме поодговорни и дисциплинирани – изјави Симовиќ.

Инаку, по анализата на епидемиолошката ситуација, синоќа е констатирано дека значителен дел од новозаболените се во главниот град на Црна Гора, каде живеат 200 илјади луѓе, или третина од вкупното население во земјата. Во Подгорица во моментов има 553 активни случаи на корона вирус.

Во првиот бран од епидемијата на коронавирус во Црна Гора, беа заразени 324 лица.