Националното координативно тело за заразни болести, по предлог на Институтот за јавно здравје на Црна Гора, вчера одлучи да престане со примената на мерката за задолжително носење заштитни маски.
Носењето заштитни маски останува задолжително за вработените и пациентите во јавните и приватните здравствени установи, во јавните и приватните установи за социјална и заштита на децата и за вработените и патниците во јавните превозни средства, соопшти Владината служба за односи со јавност на Црна Гора.
Исто така, беше решено да се овозможи сообраќај со земји во кои стапката на активни случаи на вирусот корона е над 25 на 100.000 жители, при што транспортот подразбира однапред одредени групи на патници и исклучува попатно влегување и излегување.
Решено беше и дека залихите на заштитна опрема и средства за дезинфекција во сопственост на веледрогериите ќе бидат ставени на располагање на јавниот здравствен систем на Црна Гора, со паричен надоместок по пазарни цени.
На сесијата беше одлучено Институтот за јавно здравје во петок да го ажурира и објавува списокот на земји со помалку од 25 активни случаи на коронавирус на 100.000 жители, од кои е дозволен влез во Црна Гора без задолжителна институционална самоизолација.